петок, 20 април 2012 г.

Кога емоционалната интелигенција станува надмоќна вештина



Сите ние во себе имаме голема храброст, а истовремено имаме и стравови… Длабоко во себе нашата храброст и стравови имаат пуштено корени, а причините за нивното постоење ги чуваме скржаво од свесноста. Поголемиот дел од луѓето не навлегуваат подлабоко во проучување и откривање на тоа кои се причините поради кои некој човек реагира храбро и превзема одговорност за исходот на сопствената постапка, додека истовремено некој друг кој се наоѓа во иста/слична животна ситуација со слични животни искуства, образование, финансиска сигурност, социјална вклопеност реагира спротивно од храбро.

Познаваме храбри луѓе кои секојдневно се соочуваат со разни животни проблеми, луѓе кои се свесни на значењето на секојa минутa изминатa во нивниот живот, сопствените мисли, постапки и одговорноста која ја превземаат. Истовремено познаваме и луѓе кои се плашат од бубачки, од темница, има и такви кои се плашат од кучиња и мачки, летање со авион, пливање… Постои страв и од непознато, страв од успех, страв од неуспех, смрт, грешка, фудбалските фанови се плашат дека омилениот фудбалски тим ќе изгуби (додека спортските кладилници тријат раце) …

Се сеќавам на почетокот од моите постдипломски студии. Полагав испит по Стратегиски менаџмент и јасно се сеќавам на тесните и непријатни седишта во автобусот за Белград со кој патував. Тоа пролетно утро не можев да гледам низ прозорците низ кои со слушалки на уши знам да се заборавам глетката во планините и нивниот спој со небото. Се чувствував исплашено, со грутка во грло и имав чувство на непријатност. Измешан страв од непознати прашања и треска… Што ако ми се падне тешко прашање? Што тогаш? Ќе паднам и ќе се разочарам…

Не бев во состојба ниту да читам, а камо ли да се опуштам. Во тој момент на доживување страв најмногу се зачудив колку ми се стесни умот. Не бев во состојба ниту будна да сонувам. Едноставно, во стравот седев неподвижна чекајќи да дојде крајот на полагањето.

Но се случи еден момент кој ме одвлече од тие мисли. Пред мене на седиште седеа мајка и дете кои беа гушнати и спиеја на истите тие тесни седишта. Таткото лежерно седеше на соседното седиште и наеднаш силно загрчи во сон. Детето се разбуди од силината на грчењето, се сврте кон татко му и слатко се изнасмеа, но тоа не беше единственото кое се насмеа. Се насмеав и јас. Само момент подоцна станав свесна за постоењето на стравот во моите мисли и искушенијата низ кои ме води. Со секој изминат метар сè повеќе го освестував разорното влијание на емоционалното возбудување врз моите мисловните процеси. Тоа го потиснуваше сиот труд, непроспиени ноќи и подготовка за овој испит. Сфатив дека тоа утро стравот ми е лош сопатник и одлучив да го тргнам од себе.

Стравот од полагање пред испит не е воопшто новост за професорите. Студентите кои се анксиозни, уплашени или депресивни, не можат да учат. Луѓето кои се наоѓаат во слични состојби неуспешно се обидуваат да примат информација и да излезат на крај со неа. Тоа е така затоа што се фокусираат на проблемот, а не на решението. Се фокусираат на избегнување на болката а не на постигнување на задоволството. Со самото фокусирање да ја избегнат болката, тие се подлабоко тонат во неа. Тоа е така затоа што во лавиринтите на таквото размислување има сè помалку позитивната енергија и тоа ги влече надолу.

Личности кои се разведуваат со непријатности или деца чии родители се разведени – не се во состојба да се фокусираат на делумно едноставни и вообичаени нешта на работно место или во училиштето. Кај клинички депресивните, очајот, самосожалувањето, безнадежноста и беспомошноста се посилни од сите останати чувства.

Кога емоциите ќе завладеат со концентрацијата, поразена е менталната способност или “работната меморија”, вештина да се паметат сите неопходни информации релевантни за одредена задача.
Од друга страна, мотивацијата, позитивната мотивација за постигнување на успех – надмоќта на ентузијазмот, одговорноста и самодовербата покажале дека атлетичарите на олимпијадите, фудбалерите на светските првенства, музичарите од светски глас или велемајсторите во шахот докажуваат како нивната единствена особина е способноста за самомотивација. Таа е извор на нивната истрајност во секојдневните немилосрдни тренинзи.

Истрајноста најмногу зависи од емоционалните особини: Ентузијазмот и упорноста да се постигне позитивно решение, наспроти поразите и стравовите.

Овде зборуваме за вродени способности меѓу кои мотивот е дополнителна предност за успех во животот.




Пример за мотив може да го земам успехот на азиските студенти во американските училишта. Подетални прегледи на податоци зборуваат дека децата на азијатите имаат 2 до 3 поени повисок коефициент на интелигенција од белците. Причината по сè изгледа е тоа што азијатите уште од најраните години во училиштата работат понапорно отколку белците. Повеќето родители Американци ги прифаќаат недостатоците на децата, а ги нагласуваат вештините, Азијатите сметаат дека доколку не постигнуваш резултати треба да учиш ноќе, а ако и тогаш не успееш стани рано и учи уште во мугри.

Веруваат дека секој со вистински напор може да успее во училиштето. Накусо, строгата културна и работна етика прераснала во
Мотивација + Ентузијазам + Уживање = Формула за УСПЕХ

Искуството со испитот ме предизвика повторно да се уверам во потенцијалот и капацитетот кој може да биде заробен во нас доколку подлегнеме на стравот и непријатните искушенија низ кои животот нè води, наспроти храброто соочување со реалноста и свесното превземање на активности кои се дел од решението за постигнување на целта. Секој човек кој држи до својот личен раст и развој е свесен дека емоциите можат да ни овозможат или оневозможат способности да мислиме, планираме, постигнуваме, решаваме проблеми, да сме издржливи во тренинзите, учењето или вежбањето…

Креативност и проширување на нашите граници.
Да си Свој во себе.
Тоа ни треба.

На тој начин емоционалната интелигенција станува надмоќна вештина, станува дарба која суштествено влијае на сите останати способности, ги прави поуспешни или меѓусебно се преплетува со нив.

Aвтор: Нела Јолеска е менаџер за развој во Стипико и основач на Facebook групата Извор. За повеќе информации посетете ја страната на групата Извор.

Нема коментари:

Објави коментар