петок, 20 април 2012 г.

Моќта на емоциите и игрите на моќ


Емоциите имаат моќ. Во одредени моменти тие можат да имаат огромно влијание врз другите. Ние сме свесни за моќта на емоциите секогаш кога се воздржуваме од нивното покажување за да не ги вознемириме оние кон кои се насочени. Секогаш кога сме се воздржале од покачување на тонот, кога сме му биле лути на партнерот, на пријателот или на детето, ние тоа сме го направиле затоа што имплицитно ја знаеме моќта на емоциите. Ако некогаш ни се случило да седиме во театар и сме виделе како се шири паника ако некој викне “Пожар!” или “Оган!”, тогаш ни е позната моќта на емоциите.



Кога се злоупотребува моќта на емоциите

Моќта на емоциите ја злоупотребуваме тогаш кога без предупредување истураме напади на бес врз невнимателните, неподготвените и незаштитените. Моќта на емоции ја злоупотребуваме тогаш кога емоциите ги користиме во игрите на моќ кои претставуваат еден вид на емоционално уценување, тактика со која се служиме за да ги заплашиме другите, за да ни се покорат на некој начин. За да ги засилиме и оправдаме своите чувства, ние ги поддржуваме со осудувања, обвинувања, преувеличувања и лаги, а потоа мафтаме со нив како со стап.

Многу честа реакција на емоционално неписмена личност кон чувствата на некој друг е да се одрекува одговорноста. Факт е дека сме способни да предизвикаме чувства кај другите луѓе, а и тие можат да предизвикаат чувства кај нас. Оваа способност може да се злоупотреби кога ревносно се напаѓаме меѓу себе или се обидуваме да предизвикаме чувство на вина чувствувајќи се повредени. Емоционално писмен дијалог може да се воспостави само откако ќе се прифати оваа емоционална поврзаност. Негирањето на овој факт претставува облик на емоционална неписменост.

Луѓето трпат силно влијание од емоциите на другите, без оглед колку овие емоции се препознаени. Всушност, може да се каже дека колку помалку се дискутира за емоциите и колку повеќе тие се отфрлуваат, толку повеќе тие емоции влијаат врз луѓето и се вкоренуваат во нивните потсвесни програми.

Непризнавање на туѓите емоции

Непризнавањето на емоциите, неслушањето на чувствата кога другите ни ги кажуваат, може да се јави во разни облици. Од една страна, може да не ги признаваме сопствените емоции. Можеме да знаеме дека чувствуваме нешто, но намерно да го потиснуваме тоа на страна. Од друга страна, можеме да не ги признаваме чувствата на другите луѓе. Меѓутоа, дури и кога не ги признаваме, емоциите продолжуваат да постојат.

Луѓето мислат дека комуницираат на рационален начин, но во исто време, на едно многу реално но непризнаено ниво, емоционалниот дијалог продолжува на друг канал, интуитивно и невербално, со сите свои збунувачки сигнали и последици. Една важна последица од непризнавањето на емоциите е дека тие можат заемно да се засилуваат, доведувајќи до лавина од емоции и на крај да излезат од контрола. Некои луѓе чувствуваат дека емоционалните изливи од ваков вид се здрави и дека го “чистат” системот од емоционално ѓубре. На извесен начин е точно дека ваквите изливи ослободуваат дел од тензијата за непризнаените чувства, но најчесто во тој процес некој бидува повреден, често жените или децата, што зад себе остава емоционални лузни кои во некои случаи никогаш не заздравуваат.

Емоционалната писменост бара да не ги манипулирате другите со игри на моќ

Љубезно, но упорно, барајте го она што го сакате сè додека не бидете задоволни.

Низ целата досегашна историја, луѓето кои биле на власт (политичка, воена, религиозна, медиумска…) ги користеле сите можни методи што им биле на располагање за да доминираат врз луѓето и да продолжат и понатаму да ги контролираат. Овие методи можат да бидат физички и психолошки, меѓутоа во нивната сенка секогаш се провлекуваат закани од насилство, со кои тие се поддржуваат. Во овој систем на доминација луѓето се распоредени во своевидна пирамида на моќ, повисоко во однос на некои, а пониско во однос на некои други, така што секое ниво го контролира нивото што е под него. Независно дали станува збор за држава, работно место или семејство, овој систем се одржува преку доминација и се спроведува преку игри на моќ. Шефот што очекува секретарката да го поздрави, но не му паѓа на памет да и одговори на поздравот, сопругот што бара сексуално задоволување, но од своја страна не го дава, таткото што и држи лекции на својата ќеркичка, но со потценување се смешка секогаш кога таа се обидува да каже нешто. Оваа се трансакции поврзани со моќта и доминацијата.

Не дозволувајте другите да манипулиураат со Вас со игри на моќ

Љубезно, но упорно, одбивајте да направите што и да било што не сакате да направите според својата слободна волја.

Уште од раѓање сме речиси неприметно доминирани и не забележуваме како функционира контролата. Откако ќе го поминеме детството на милост и немилост на каприците на другите луѓе, ние прифаќаме како нешто најприродно дека треба да станеме Мачители или Жртви, погоре или подолу во однос на другите луѓе. Дека треба да станеме водачи или следбеници, доминатори или доминирани. Постојат многу испитувања кои потврдиле дека “програмите” кои ги создаваме од најмали нозе се темел на нашиот карактер и наша перцепција за животот. Детето што добивало шлаканици станува родител што удира шлаканици, детето што било доминирано и контролирано станува родител што доминира и контролира, детето што е воспитувано да размислува како сиромашно и уплашено од системот, станува личност која нема да ја почитува цената на својот интелектуален труд и ќе живее сиромашно.

Ние ги прифаќаме малтретирањето, злоупотребата на моќта, контролирањето и доминацијата како нешто најприродно. Затоа е многу важно поединецот емоционално да се описменува, континуирано да работи на зголемување на својот EQ и на својот личен раст и развој.



Игри на моќ

Ако сакаме ефикасно да го одбегнеме и му се спротивставиме на неумереното контролирање и злоупотребување на моќта, мораме да разбереме како функционираат игрите на моќ.

1. Груби физички игри на моќ

Тие се видливи со голо око и во нив спаѓаат тепање, туркање, затворање, фрлање предмети, траскање врати, или уште полошо, киднапирање, измачување, силување и убивање. Овие примери на физичка моќ се користат за контролирање на луѓето. Во нашето општество ова особено важи за семејствата во кои жените и децата се жртви на физичко малтретирање и тепање.

2. Суптилни физички игри на моќ

Не се толку лесно видливи, иако сте нивна жртва може по извесно време да станете свесни дека се работело за игри на моќ. Овде спаѓаат наднесување над луѓето или стоење премногублиску до нив (навлегувате во нивниот личен простор), водење на луѓе под рака или мишка, оставање на луѓето да седат или стојат, тапкање по глава, препречување на патот на други. Овие игри може да функционираат затоа што луѓето се научени да слушаат уште од рано детство. Без да употребиме физичка сила можиме да заплашиме некого со закани или со тонот на гласот. Може да наведете некого да направи нешто, така што ќе го натерате да се чувствува виновен. Овие игри на моќ, често, ги користат мажите во однос на жените, а некои од жените ги прифаќаат како составен дел од нормално машко однесување.

3. Груби психолошки игри на моќ

Во овие игри на моќ спаѓаат заканувачкиот тон на гласот, заканувачки изглед, навредите, дрски лаги, нагласено муртење, игнорирање, упаѓање во збор, превртување на очи, нестрпливо тропкање со прсти и свиркање додека другите зборуваат.

4. Суптилни психолошки игри на моќ

Овде спаѓаат добро смислени лаги (половина лага – половина вистина), лажење со премолчување, суптилно муртење, саркастичен хумор, озборување, извртена логика, игнорирање на она што го кажуваат луѓето, а на масовно ниво суптилни психолошки игри на моќ се рекламирањето и пропагандата.

Во сите овие случаи, игрите на моќ имаат улога да спречат некоја постапка на друга личност наспроти мислењето или слободната волја. Хроничните играчи на моќ не чувствуваат многу емпатија за другите. Таквите мораат да бидат нечувствителни спрема волјата на нивните жртви и да бидат подготвени да направат сè што е потребно за да продолжат да доминираат.

Aвтор: Нела Јолеска е менаџер за развој во Стипико и основач на Facebook групата Извор. За повеќе информации посетете ја страната на групата Извор.

Нема коментари:

Објави коментар