среда, 30 март 2011 г.

Фантазирањето негативно влијае на расположението



Време е да се вратите во реалноста. Таа фантазија која ја имате за одмор на Бахамите со Џони Деп или Анџелина Џоли Ви ја намалува среќата. Во нова глобална студија, истражувачи користеле iPhones да ја измерат менталната состојба на преку 2000 доброволци неколку пати во денот – дури и кога имале сексуални односи. Резултатите индицираат дека доколку сакате да останете расположени, подобро Ви е да се фокусирате на сегашноста, без разлика колку е непријатна. 

Човечкиот ум е неверојатно добар во “забегување“ т.е. концентрирање на нешто друго од тоа што моментално се случува. Оваа способност ни овозможува да го паметиме минатото, да ја планираме иднината, дури и да замислуваме работи кои никогаш не се случуваат, вели Метју Килингсворт, кандидат за докторат по психологија на Харвард. 

Но, дали фантазирањето е добро за нас? 
  
“Тоа е тешко прашање за одговарање“, вели Килингсворт. За да дознаат, научниците мораат да ги анкетираат субјектите неколку пати дневно за да можат да го “снимат“ нивното расположение и нивните активности во тој даден момент. “Луѓето се многу добри во кажувањето колку се среќни сега и тука, но не толку во кажувањето колку биле среќни минатата недела“, вели тој. Во минатото, истражувачите имаат користено пејџери, кои ги потсетувале доброволците да пишуваат во нивните дневници, или им купувале скапи мобилни направи како Palm Pilot. Обата методи се тешки за спроведување на голема скала, па на Килингсворт, поранешен продукт девелопер во софтверска компанија, му текнало да искористи нешто што милиони луѓе веќе го користат секојдневно: iPhone. 

Во 2009-та, Килингсворт и Даниел Гилберт, психолог на Харвард, со помош на пријател кој е дизајнер на софтвер, креирале студија на нивната веб страна TrackYourHappiness.org. По одговарање на неколку основни прашања за нивната возраст, локација и општото задоволство од нивната работа, брак, автомобил исл, сопственици на iPhone можеле да се запишат на листа за примање на една или повеќе СМС пораки дневно кои би ги потсетувале да посетат онлајн анкета и да кажат колку среќно се чувствувале во моментот со избор на една од 22 понудени опции за нивната активност (вклучувајќи шопинг, гледање телевизија, работење, итн). Субјектите исто така требало да кажат дали за време на таа активност мислеле на конкретната активност или за нешто друго кое било пријатно, неутрално или непријатно. 

Иако студијата била промовирана само на веб страната, Килингсворт наскоро имал скоро 5000 субјекти од 83 различни земји кои испраќале податоци повеќе пати дневно. Доброволците биле изненадувачки дисциплинирани, одговарајќи во просек на 83 проценти од потсетниците. Дури и за време на активности како водење љубов, субјекти се логирале да пријават што прават. Кога истражувачите ги анализирале искуствата на подмножество од 2250 ворзасни, од кои три четвртини Американци, првата работа која ја забележале е колку често луѓето не мислеле на тоа што моментално го правеле. Вкупно, субјектите фантазирале околу 47 проценти од времето. Само за време на секс фантазирањето било значително намалено, на 30 проценти од времето. 

Понатаму, фантазирањето не влијаело добро на расположението на луѓето: Доброволците биле понесреќни кога нивните мисли биле на друго место. Статистички тестови покажале дека фантазирањето порано во денот корелирало со полошо расположение подоцна во денот, но не и обратно, сугерирајќи дека незадоволството од нивната моментална активност не е тоа што ги терало луѓето да избегаат од реалноста. Наместо тоа, испаѓа дека нивните залутани умови биле причината за нивното подоцнежно депресивно расположение. Фантазирањето негативно влијаело на расположението дури и во најдосадните активности, како рутинско чистење. “Сигурен сум дека постојат ситуации кога бегството од реалноста е од помош“, вели Килингсворт, “но базирано на овие резултати, тие ситуации се веројатно многу ретки“. 

Наодите “ги предизвикуваат основите на психологијата“, вели Лиза Фелдман Берет, психолог и неуро-научник на Североисточниот Универзитет во Бостон, која е еден од пионерите на методата за прибирање податоци со користење на Palm Pilot. Психолозите претпоставуваат дека умот реагира на стимул од надворешниот свет, но според оваа студија “скоро изгледа како стимулот да е ирелевантен“.

“Сепак, студијата има свои ограничувања“, вели Берет. На пример, не секој може да си дозволи iPhone, што значи одбраниот примерок може да не е реален приказ на целокупната популација. Во однос на тоа дали фантазирањето навистина било причина за лошото расположение на субјектите, Берет би сакала да види посилни докази. “Статистичката анализа на Килингсворт е добар почеток“, вели таа, “но не е доволна“. “Тој има демонстрирано врска причина-последица за активности кои биле неколку часа раздалечени една од друга, но тоа кажува многу малку за промените во свеста кои се случуваат на ниво на милисекунда“.
  
  
СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).

  

Нема коментари:

Објави коментар