вторник, 22 март 2011

Прегратките и трите секунди


Дали сте се запрашале колку време трае една прегратка? Кусиот одговор, според проучувањето на прегратките на Олимписките атлетичари, е околу 3 секунди. Но, долгиот одговор е многу подлабок. Прегратката трае речиси исто толку како и многу други човечки акции и невролошки процеси, што ја поддржува хипотезата дека сегашноста ја перцепираме низ интервали од 3 секунди. 
  

Студии на различни култури кои се спроведувани уште од 1911-та година покажуваат дека луѓето навистина функционираат на ниво на овој краток интервал. Гестикулации, музички фрази, па дури и мрморењето на бебињата траат околу 3 секунди. Многу основни физиолошки настани, како опуштеното дишење и одредени функции на нервниот систем, исто така траат по 3 секунди. Ова основно правило може да се забележи и кај движењата на повеќе цицачи и птици. Студија од 1994-та извршена врз жирафи, антилопи, елени, ракуни, панди и кенгури кои живеат во зоолошки градини покажала дека иако времетрањето на нивните движења (од џвакање до вршење нужда) варирало, просекот сепак бил 3 секунди. 

„Она што го знаеме од опширното истражување е дека го искусуваме светот во рамки од околу 3 секунди“, вели Емис Наги, психолог од Универзитетот од Данди во Обединетото Кралство. И прегратките се совпаѓаат со овој шаблон. Во 2008-ма, Наги, која е љубител на гимнастика, забележала голем број на прегратки додека ги гледала Олимписките Игри во Пекинг на телевизија. Поголемиот дел од ова истражување на принципот на 3 секунди било извршено врз индивидуалци, па таа се запрашала дали однесувањето ќе важи и за искуство споделено помеѓу двајца луѓе, особено кога се работи за интимен и емотивен чин како прегратка. 

Таа одлучила да ги анализира снимките од финалните настани во 21 спорт, меѓу кои бадмингтон, борење и пливање. Таа побарала од објективен набљудувач да го измери времетрањето на 188 прегратки помеѓу спортисти од 32 нации и нивните тренери, колеги и ривали. Без оглед на полот или националното потекло на спортистот и партнерот, прегратките траеле во просек по 3 секунди. Не е изненадување што времетраењето зависело од идентитетот на партнерот: спортистите ги прегрнувале своите тренери малку подолго од останатите членови на тимот, а ривалите добивале најкратки прегратки. 

Извор: www.sciencemag.org
  
СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти и фирми, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).

Елена Темелкоска
Supernova Academy

Нема коментари:

Објави коментар