
Колку пати Ви се случило да не знаете што да направите кога сте многу лути или сте добиле критика од некој која Ве довела до солзи? Луѓето различно реагираат во различни ситуации, што е охрабрувачки затоа што на тој начин учиме едни од други. Исто така, секој од нас не владее со емоциите на ист начин. Емоциите се комплексен збир кои ни ја обликуваат емоционалната сфера на животот и нивна наједноставна поделба би била на позитивни и негативни емоции.
Две најчести позитивни емоции се радост и љубов. Радоста допринесува така што на организмот му дава елан и движечка сила, која што може да биде предизвикана од настан кој се случува или сеќавање на некоја случка или настан од минатото. Радоста е силна емоција која обично кратко трае. Љубовта има долго траење и под љубовта се подразбира емоција која одржува позитивна емотивна состојба во односите со луѓето од нашата непосредна околина (помеѓу партнери, родители и деца, или искрени пријатели). Оваа емоција е емоција која нас нѐ “подига“ и ни дава сила да го направиме и она што ни изгледа невозможно.
Основни негативни емоции се бес, бол, страв и вознемиреност. Бесот се ослободува тогаш кога се случува фрустрација, кога не го постигнуваме она што од себе или од другите го сакаме. Болот се предизвикува преку губиток на некого или нешто за што сме длабоко поврзани. Страв и вознемиреност се две емоции кои често се јавуваат заедно. Стравот е следен со вознемиреност и се случува кога забележуваме некоја реална или потенцијална опасност. Стравот е прастара емоција која човечката раса ја одржала во живот, правејќи ја многу важна движечка сила (но само кога е умерена и реална). Стравовите се главно дел од заедницата во која живееме и тие отсликуваат дел од културата во која сме растени и воспитувани. Во некои случаеви, овие емоции можат да станат вистински фобии.
Контрола на емоциите. Емоциите настануваат како одговор на надворешни или внатрешни сеќавања/дразби. Секоја личност може да ги манифестира своите чувства на различни начини. Начинот на кој личноста ќе ги покаже емоциите е повеќе или помалку контролиран и се учи. Значи, зависи пред сѐ од воспитувањето, културата во која поединецот е израснат, друштвото во кое се движи и самиот карактер кој го изградил со текот на времето. За возрасен човек е карактеристично да може да ги контролира емоциите, само се разликува во која мерка тоа може да го направи.
Заборавете на емоциите! Ова е ситуација во која е потребно да заборавите на своите емоции, како во тој миг воопшто да ги немате. Охрабрете се себеси на тој начин што ќе си речете дека кога сето ова ќе заврши, ќе си дадете одмор и ако треба ќе викате на глас. Ова е добар начин на момент да заборавите на своите емоции, но бидете внимателни кога ќе одлучувате да ги “отклучите“ затоа што може да се случи да доживеете емоционално преоптоварување (на пример, на некој состанок пред сите присутни да почнете да плачете или да “полудите“), и тогаш Вашиот труд ќе биде залуден. Ова решение е функционално доколку знаете дека целата ситуација кратко трае.
Стекнете ментална контрола! Ова е веројатно најдобар начин на контрола кога сте во ситуација која не дозволува емоционално да се изразите (на пример, кога ќе дојдете во кавга со шефот или со некој кој Ви е претпоставен). Емоциите се составен дел на нашиот ментален склоп и со доволна ментална контрола можеме да одлучиме како ќе се чувствуваме во тој момент. Емоциите се учат па затоа самите можеме да влијаеме на нивното манифестирање. На овој начин, го намалуваме интензитетот на доминантната емоција.
Започнете го денот на позитивен начин! Пробајте да си кажете на самите себе дека денот кој е пред Вас ќе биде исполнет со оптимизам и добро расположение. Пробајте да станете со насмевка на лицето, а сите ситуации кои се закана за расипување на расположението игнорирајте ги. До решение на секоја ситуација може да се дојде и со позитивен став. Бидете позитивни спрема луѓето кои Ве опкружуваат. На пауза немојте да правите кафе само за себе, развеселете ги своите колеги (многу ќе им значи, а ќе се изложите на мал труд).
Разговарајте за своите емоции! Најдобар начин да го решите она што Ви смета е да разговарате за тоа. Разговорот ќе Ви помогне проблемот што го имате да се разбистри и со тоа ќе му помогнете на својот мозок да го реши, на за Вас најдобар начин.
Ослободете се од притисокот! Ако по својата природа спаѓате во “емотивни“ луѓе, најдете начин како да се ослободите од притисокот, правејќи нешто што Ве опушта. Тоа може да биде спортска активност, користење скали наместо лифт или одвојување момент кој ќе го поминете во мир и тишина.
СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).
Елена Темелкоска
Supernova Academy
Нема коментари:
Објави коментар