
“Тест денес“: два збора кои учениците насекаде ги исполнуваат со чувство на страв и немир. Но, сѐ поголемиот број на докази сугерира дека тестовите навистина им помагаат на учениците да научат. Истражувачите сметаат дека знаат една од причините зошто е тоа така: луѓето кои полагаат тестови/испити имаат тенденција да смислуваат подобри начини за запамтување на информациите од луѓето кои само ги учат и разгледуваат информациите.
Еден начин на кој студентите паметат информации е со креирање асоцијации, односно “посредници“, кои поврзуваат меѓусебно зборови или идеи. За да биде ефективна, една асоцијација мора да биде лесна за паметење и да може да ја извади на површина информацијата која студентот се обидува да ја научи.Дуо истражувачи од Државниот Универзитет во Кент (Охајо, САД), кои испитувале зошто тестирањето е корисно, велат дека асоцијациите се особено ефективна алатка. Тие тврделе дека студентите кои се тестирани развиваат подобри асоцијации од оние кои само учат. За да ја докажат оваа хипотеза, дуото на 118 студенти од Кент им поделило листа од 48 зборови на свахили, со нивните преводи на англиски, и од нив побарале да смислат клучни зборови кои ќе им помогнат да ја запамтат информацијата. Асоцијацијата требала да биде збор кој звучи како оригиналниот збор на свахили, но е истовремено и семантички поврзан со англискиот превод. На пример, многу од студентите го одбрале англискиот збор “wing” (крило) со цел да го запамтат свахили зборот “wingu” (облак).
Потоа, учесниците биле поделени во две групи. Едната група имала пробни тестови кои ги опфаќале зборовите кои претходно ги учеле, а другата група продолжила да ги учи зборовите без да полага тестови. Доколку студентите од првата група развиле нови асоцијации во меѓувреме, требало да ги споделат со истражувачите.
Недела подоцна, сите учесници полагале завршен тест. Овој пат, истражувачите ги поделиле во три групи. Првата група полагала нормален тест: им бил даден збор на свахили и им бил побаран неговиот англиски превод. Студентите од втората група пак морале да ја вклучат и асоцијацијата пред да го дадат одговорот, додека студентите од третата група биле потсетувани за тоа која е асоцијацијата пред да го дадат нивниот конечен одговор.
Како што било и очекувано, студентите кои имале пробни тестови поминале многу подобро од оние кои само учеле: всушност, нивните резултати биле три пати подобри. Исто така, овие студенти подобро ги имале запамтено конкретните асоцијации (51% спрема 34%), односно подобро ги користеле асоцијациите кои истражувачите првично им ги дале за да ги дадат вистинските одговори. Најдоброто објаснување за резултатите, велат истражувачите, е дека студентите кои полагале пробни тестови научиле кои асоцијации функционираат и кои не, па ги одбрале подобрите за завршниот испит. Резултатите силно сугерираат дека објаснувањето е валидно, велат психолози од Универзитетот од Калифорнија, со забелешка дека луѓето во секојдневниот живот не секогаш користат асоцијации.
Друго дуо психолози, од Универзитетот во Делавер (Охајо, САД), велат дека постојат и други причини позади тоа зошто тестирањето им помага на студентите да научат. Нивните истражувања сугерираат дека тестирањето го подобрува учењето затоа што им помага на студентите да одделат време при учење за концептите кои се најтешки за совладување. Разбирањето на овие механизми, велат тие, ќе им помогне на истражувачите да им даваат поспецифични инструкции на студентите за тоа како да учат. Тие ги охрабруваат студентите да се тестираат себеси за да можат да идентификуваат кој материјал го имаат совладано и кој треба допрва да го совладаат. Креирањето асоцијации е напорна работа, вели дуото од Делавер, па можеби студентите нема да ги користат за сѐ што учат, но тоа не би требало да ги спречи да ги користат асоцијациите за полесно паметење на најтешкиот материјал.
Извор: www.sciencemag.org
СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).
Нема коментари:
Објави коментар