
Вчера им обративме внимание на првите пет “стрес“ прашања кои најверојатно ќе ги сретнете на едно интервју за работа, заедно со стратегии како да им пристапите. Денес ќе се фокусираме на останатите пет незгодни прашања кои стојат помеѓу Вас и работата која ја сакате.
6. Што најмногу и најмалку Ви се допаѓа кај Вашата сегашна/претходна работа? Ова прашање му дозволува на интервјуирачот да собере информации за типот на работна средина или корпоративна култура која Вас најмногу Ви одговара. Концентрирајте го Вашиот одговор на области кои се релевантни за позицијата и бидете специфични. Не велете “Ми се допаѓаше атмосферата“, туку “Уживав да сум дел од тим и другарувањето кое тоа го носи“. Кога дискутирате аспекти од претходната, односно сегашната работа кои не Ви се допаѓаат, обидете се да се задржите на одговорности кои се неповрзани со функциите на работата за која аплицирате. Но, внимавајте да нагласите дека или сте ја извршиле задачата добро или дека сте научиле нешто корисно од тоа искуство. На тој начин ќе покажете дека можете да се носите со задолженија кои не Ви се од особен интерес.
7. Дали аплицирате и на други места?
Скоро никој не очекува да кажете “не“ на ова прашање, особено поради денешната состојба на пазарот на труд. Ако кажете “не“, интервјуирачот или ќе помисли дека сте наивни и не ги познавате бизнис состојбите или дека не сте сериозни во Вашата потрага по работа. Наместо тоа, кажете дека разгледувате неколку отворени места кои одговараат на Вашите таленти и потенцијал. Во никој случај не велете дека веќе разгледувате неколку конкретни понуди – може да бидете перцепирани како незаинтересиран за позицијата и автоматски да отпаднете од конкуренција. Интервјуирачите претпочитаат кандидати кои навистина сакаат да работат за нивната компанија. Кандидатите кои велат “Мислам дека сум заинтересиран“ обично се позади оние кои знаат дека се заинтересирани и тоа го искажуваат со повеќе ентузијазам. Се разбира, не треба да претерате со ентузијазмот, бидејќи може да оставите впечаток дека сте очајни за понудената работа, односно дека веќе сте биле одбиени од други работодавци.
8. Зошто да ве вработиме Вас?
Ова прашање ги охрабрува кандидатите да се “продадат“ т.е. презентираат себеси. Многумина не сфаќаат зошто им е поставено прашањето и одговараат неефективно. Грешка е, на пример, да кажете што сѐ се надевате да добиете од едно работно место. Да парафразираме еден познат цитат: “Не прашувај што може компанијата да направи за тебе, прашај се што можеш ти да направиш за компанијата“. Интервјуирачот кој ти го поставува ова прашање всушност сака да ја дознае Вашата спремност за работата, Вашата способност да се справите со неа, Вашата подготвеност да дадете сѐ од себе и Вашата компатибилност со побарувањата на позицијата. Покажете ја својата спремност со опишување како Вашето искуство, квалитетите, успесите и напредокот во кариерата Ве прават добитна комбинација. Нагласете ја Вашата способност со дискутирање на Вашите специфични вештини и достигнувања. Вашата подготвеност за работа ќе биде очигледна во Вашето посветување на сите предизвици со кои ќе влезете во костец. За да демонстрирате компатибилност, кажете дека сте одговорни, имате интегритет и можете да се приспособите на кои било потешкотии кои со себе ги носи конкретната работа.
9. Каде се гледате себеси за пет години?
Најлошиот одговор што можете да го дадете на ова прашање е дека ќе станете претседател на компанијата или дека ќе ја работите работата на интервјуирачот. Ваков тип на одговори се премногу несериозни, дури и заканувачки. Наместо тоа, зборувајте за тоа што Ве мотивира, со акцент на она што би Ве мотивирало кај оваа конкретна позиција. Без да спомнете дека ја сакате работата на шефот, опишете каде би сакале Вашата кариера да биде за пет години, како и што сѐ се надевате да постигнете за тој период. Работодавците преферираат кандидати кои мислат на иднината и поставуваат реалистични цели. Ако кажете дека не сте сигурни каде се гледате себеси за пет години може значително да ги намали Вашите шанси, такви одговори се нестимулирачки. Менаџерите задолжени за најмување секогаш ќе бараат луѓе кои знаат што сакаат и кои веруваат дека нивните цели кореспондираат со целите на компанијата.
10. Дали имате некакви прашања? Има ли нешто што би сакале да додадете?
Не велете “не“, или дека сѐ било детално дискутирано. Многу веројатно е дека интервјуирачот не посветил внимание на секоја критична квалификација која ја имате за понудената работа. Дури и ако ништо критично не било занемарено, треба да се обидете да повторите зошто Вие сте најлогичниот кандидат за позицијата. Ако мислите дека интервјуирачот има сомнежи во врска со Вас, сега е времето да го убедите и да ја претставите Вашата кандидатура во попозитивно светло. Иако, како што велат, од патка лебед не бидува, сепак лошо интервју некогаш може да се “спаси“ со мала дискусија за недоразбирањата кои може да искрснале за време на интервјуто. Понатаму, ако речете дека немате прашања, може да оставите впечаток дека не сте заинтересирани. Имајте спремни неколку интелигентни прашања кои ќе покажат дека сте запознаени со компанијата и со конкретната позиција. Ова покажува дека сте ја сработиле “домашната“ и дека сте читале статии за компанијата во магазини и професионални журнали. Одржување на позитивен став и припрема однапред може само да Ви помогне полесно да се справите со незгодните прашања, а Вашата смиреност во тензична ситуација само ќе покаже дека можете со иста леснотија да се справите со кризите на работното место.
СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).
Нема коментари:
Објави коментар