среда, 6 април 2011 г.

Интервју: Десет тешки прашања и како да ги одговорите (прв дел)


На Вашето следно интервју, очекувајте да Ве прашаат неколку предизвикувачки прашања. Всушност, доколку за време на интервјуто не чуете некои од т.н. “стрес“ прашања, Вашето интервју најверојатно не се одвива толку добро колку што мислите. Поставувањето тешки, вознемирувачки прашања стана регуларен дел од репертоарот на мнозинството интервјуирачи во нивниот обид да ги елиминираат несоодветните кандидати рано во процесот. Трикот за да се “одбраните“ од такви вешти испитувања е да сфатите зошто Ве прашуваат: примарно за да измерат колку брзо мислите и колку добро се однесувате под притисок. Во продолжение има 10 типични “стрес“ прашања (5 денес, 5 утре) и стратегии како да им пристапите.
     
1. Кажете ми нешто повеќе за Вас.

Ова навидум невино, општо прашање може да биде застрашувачко за многумина. Ако не сте спремни, нема да знаете што точно да кажете и колку долго да зборувате, посебно затоа што интервјуто туку што започнало. Имајте на ум дека поголемиот број на интервјуирачи го користат ова прашање не само за да соберат информации, туку и за да го оценат Вашиот став, Вашиот стил на разговор и Вашите комуникативни способности. Немојте веднаш да се лансирате во мини-говор за Вашето детство, образованието, хобијата и нештата кои ги сакате/мразите. Наместо тоа, цитирајте скорешни лични и професионални искуства кои се поврзани со позицијата за која аплицирате и кои ќе ги поддржат Вашите квалификации. Сѐ што ќе кажете за себеси треба да биде кохезивно и да формира една целина која ја пренесува, меѓу редови, следната порака: “Јас имам уникатни квалитети кои ме прават вистинската личност за оваа позиција“. Една забелешка: Ова прашање е одлична можност да се “продадете“ себеси, но во оваа фаза од интервјуто е подобро да бидете концизни и да не се експонирате премногу.

2. Зошто ја напуштивте Вашата претходна работа, или Зошто ја напуштате Вашата сегашна работа?
 
Нема потреба да давате долг одговор, но немојте да заземате одбранбен став, особено ако сте заминале поради проблеми со Вашиот претпоставен и/или Вашите колеги. Експертите за развој на кариера се сложуваат дека не е мудро јавно да ги искажете Вашите фрустрации за претходната или сегашната работа за време на интервјуто – може да бидете перцепирани како некој кој е хронично незадоволен и со кој е тешко да се работи. Понатаму, не кријте информации за причините поради кои сте заминале, бидејќи лесно можат да бидат проверени. Ако сте помалку од искрени, сите Ваши претходни и следни одговори ќе бидат оправдано гледани со сомнеж. Можеби најдобриот одговор е дека барате поголеми можности, предизвици или одговорности. Не велете “повеќе пари“ како причина, обично е очигледно дека доколку сте решиле да менувате работа, се надевате да добиете подобра плата.

3. Кои се Вашите силни страни?

Ова прашање ти дозволува да ги опишеш твоите најсилни атрибути и вештини, па не ја пропуштајте можноста да спомнете нешта директно поврзани со одговорностите кои се бараат за отвореното работно место. Накратко сумирајте го Вашето работно искуство и најсилните квалитети и достигнувања. Вклучете некои (или сите) од следните четири вештини кои работодавците високо ги ценат и бараат: самомотивација, иницијатива, способност да работите како дел од тим и спремност да работите до доцна. Додатни квалитети кои работодавците ги сакаат се: добри комуникациски вештини, лојалност, доверливост, интегритет, навременост и самодоверба. Пред да одговорите, паузирајте малку, да не изгледа како да рецитирате претходно извежбана листа. Понатаму, не ги редете само горенаведените поими, туку илустрирајте ги со примери од Вашите претходни искуства со цел да го персонализирате одговорот. Интервјуирачите, како и сите луѓе, паметат примери, па бидете специфични. Не велете дека Вашата најсилна страна е “око за детали“ или “перфекционист“, или дека сте “мотивирани од предизвици“, доколку немате меморабилни примери со кои тоа би го докажале.

4. Кои се Вашите слабости?

Ова прашање има потенцијал да нанесе повеќе штета отколку корист, па може да биде навистина застрашувачко за апликантите. Имајте на ум дека интервјуирачите не очекуваат од Вас да бидете совршени или да ги откриете Вашите вистински слабости. Тие само Ве провоцираат, барајќи слаби точки. Може да добиете поени доколку сте искрени и признаете некоја голема слабост, но тоа може значително да ги намали Вашите шанси. Ако дадете “хумористичен“ одговор или одговорите со “Па, баш и немам некои слаби страни“, може да бидете перцепирани како арогантен, неискрен или како некој што нема доволно познавање на самиот себе. Поголемиот број на советници за кариера препорачуваат да го свртите прашањето и да го искористите за презентирање на лична слабост како професионална предност. Вашата цел не треба да е дискусија за Вашите слабости, туку да пренесете како и зошто дури и Вашите недостатоци Ве прават идеален кандидат. На пример, да претпоставиме дека сте воркохолик, премногу се ориентирате на детали и ги занемарувате семејството и пријателите. Можете да ги превртите овие слабости и да речете дека сте многу педантни и дека останувате вклучени во проектите додека не ги “испеглате“ сите можни проблеми, дури и ако тоа значи прекувремена работа. На овој начин сте ги презентирале Вашите слабости како позитивни работи кои поголемиот број шефови ги сметаат за неодоливи.

5. Колкава плата би сакале да имате?

Интервјуирачите обично го поставуваат ова прашање за да утврдат дали компанијата може да си дозволи да Ве плаќа. Ако е можно, одложете го одговорот за крајот на интервјуто, кога ќе знаете дали сте сериозен кандидат или не. Доколку одговорите премногу бргу со цифра која е премногу висока или премногу ниска, можете да бидете дисквалификувани од понатамошно разгледување. Ако интервјуирачот и понатаму инсистира да кажете бројка, прашајте за горна и долна граница за конкретната позиција т.е. за интервалот. Доколку не добиете конкретен одговор и не можете да одложувате повеќе, кажете број кој ги задоволува Вашите побарувања и кој е во рамки на стандардите за таа индустрија. Подобро е да кажете малку повисока цифра од онаа која реално Ви е на ум, бидејќи е многу веројатно дека крајната понуда ќе биде пониска од она што сте го побарале. Потоа, кажете дека сте главно заинтересирани за работата, а не за висината на платата. Бидете искрени и доколку интервјуирачот Ве праша колку моментално заработувате, односно колку сте заработувале претходно, бидејќи тој износ лесно може да се верификува.


СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).   

Нема коментари:

Објави коментар