четврток, 24 март 2011 г.

Психологија на боја: Значењето и користењето на боите

Го уредувате домот? Дали сте свесни како боите влијаат на расположението? Пред да ја земете четката во раце, прочитајте го овој текст за психологија на боја, може да ви помогне да ја одберете бојата која ќе го одреди расположението во поедини простории, влијаејќи така на вашите чувства, а и на сите други кои ќе влезат во тие простории.  

Психолозите за црвената боја викаат дека е боја на енергијата, зголемен крвен притисок и зголемено ниво на енергија. Поттикнува чувство на интимност и страсти. Црвената боја го зголемува и апетитот, што објаснува зошто често ја има во рестораните и зошто може да биде добар избор за простор наменет за јадење. 

Портокаловата боја, исто како и црвената, ја топли собата, на пријателски и мирен начин. Тоа значи дека различни нијанси на портокаловата боја се одлични за дневна и семејна просторија. 

Спрема психолошкото толкување, жолтата боја е исто така топла боја која предизвикува убаво чувство, но привлекува повеќе внимание од црвената или портокаловата боја. Затоа, жолтата е одличен избор за слабо осветлен ходник или претсобје. 

Сината е дел од ладната палета на бои, предизвикува чувство на мир и смиреност и е најдобра за спална соба. Но, сината боја делува како добар намалувач на апетитот (можеби затоа што сина храна има малку), па не е најдобар избор за простории наменети за јадење, освен ако не сте на диета. 

Зелената е уште една боја која поттикнува опуштеност. Светлозелената е идеална за спални соби и дневни соби, а средни силни тонови се одлични за во кујна и трпезарија (постојат многу видови на зелена храна). Зелените нијанси смируваат и затоа често се користат во болниците, на работните места и во училиштата. 

Виолетовата е незгодна боја, кажуваат психолозите. Многу возрасни луѓе не сакаат виолетова боја, но сакаат розеви нијанси кои добро “одговараат” во многу простории, вклучувајќи ги дневната и спалната соба. Малите деца, од друга страна , добро реагираат на виолетовата боја, па затоа може успешно да се користи во детските соби и просториите за играње. 

Ниедна дискусија за бои не би била комплетна без спомнување на “не-боите“ т.е. црна (отсуство на светлина, што значи и отсуство на боја) и бела (збир на сите бои во спектарот). Според психолозите, црната е одлична боја за акцентирање, во ентериер или екстериер, додавајќи елеганција, формалност и софистикација на главната палета на бои. Но, не треба да се претерува со неа, предупредуваат психолозите, затоа што премногу црно може да предизвика депресија. 

Белата, од друга страна, доловува мир, едноставност и просторност. Може да даде јасен финиш на било која боја, со додавање на остар контраст на бојата на ѕидот. Ако се користи низ целата соба, може да даде илузија дека просторот е поголем од неговите физички димензии. 

Оваа општа насока е добар почеток за вашата потрага за боја. Но, имајте на ум дека изборот на боја е лична работа. Вие морате да живеете со новата боја, па изберете ја онаа боја која најдобро ви одговара на вас, вашето семејство и вашиот животен стил. Одберете бои кои ги сакате, и нема да згрешите.

СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти и фирми, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching). 

Елена Темелкоска
Supernova Academy 



Нема коментари:

Објави коментар