вторник, 29 март 2011 г.

Десет совети за добри интерперсонални вештини


Способноста да поставувате прашања и да слушате се витални за развивање на добри интерперсонални вештини. Всушност, емпатското слушање е вештина број еден која Ви е потребна да ги изградите врските кои ги посакувате. Но, тие не се единствените работи на кои треба да се сконцентрирате. Во продолжение следи листа на десет совети кои ќе Ви дадат слика што значи да имате добри интерперсонални односи. 

  1. Најпрво, слушајте ја личноста со која разговарате. Комуникацијата е двонасочна улица – успешното пренесување на тоа што сакате да го кажете зависи од тоа колку ја разбирате другата личност.

2. Бидете заинтересирани за луѓето со кои (ќе) комуницирате. Имајте на ум дека луѓето општо повеќе ги привлекуваат оние кои пројавуваат интерес за нив, што значи дека ќе обраќаат поголемо внимание на тоа што го кажувате. 

3. Опуштете се. “Лош“ говор на тело, како навалени рамења, немир, мрдање со раце и нозе, играње со коса исл. можат да го убијат разговорот уште пред да почне. 

4. Насмевнете се и користете директен контакт очи-во-очи - тоа е најпозитивниот сигнал кој можете да го испратите. 

5. Поставувајте прашања – тоа е одличен начин да им покажете на соговорниците дека навистина сте заинтересирани за нив. 

6. Ако другата личност има различно мислење од Вас за некоја работа, пробајте да дознаете зошто. Колку повеќе ја разберете логиката позади нивното размислување, толку подобро ќе можете да ги разберете нивните искажани мислења, а ќе можете и да им помогнете на Вашите соговорници полесно да ги сфатат Вашите мислења. 

 7. Бидете асертивни. Мора да се обидете да ги цените ставовите на другите исто колку што ги цените своите ставови. Не бидете наметливи, но не дозволувајте и да Ви се наметнат. Обидете се да го најдете вистинскиот баланс помеѓу овие две позиции. 

8. Кога зборувате, бидете ентузијастични во соодветниот контекст. Користете го Вашиот глас и Вашиот говор на тело да го покажете и акцентирате тоа. 

9. Избегнувајте автоматски да се “фаќате“ за она што соговорникот штотуку го кажал – “Да, да, и на мене тоа ми се случи“ – и инстантно да продолжите да ја раскажувате Вашата приказна, прекинувајќи ги сред говор. Првин, поставете неколку прашања за да добиете поголема слика за опишаната ситуацијата, а кога ќе дојде ред и Вие да ја споделите сличната приказна, бидете внимателни - не сакате да направите разговорот да звучи како натпревар. 

10. Учете од Вашите интеракции. Ако имате добра интеракција со некој, размислете зошто токму тој разговор поминал така и запомнете ги клучните детали за следниот пат. Ако некој разговор не поминал добро, важи истото – обидете се да научите нешто од тоа искуство.


СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).

Нема коментари:

Објави коментар