петок, 25 март 2011 г.

Среќата и долгиот живот

Научниците, по екстензивна анализа на преку 160 студии, дошле до заклучок дека луѓето кои се среќни и позитивно гледаат на животот живеат подолго. Тие откриле “јасни и убедливи докази“ дека среќата е темел за подобро здравје и подолг живот. 
   
Анализата посочила дека постои врска помеѓу позитивниот став и поздравиот живот. Оваа поврзаност испаднала дури и посилна од онаа помеѓу прекумерната тежина и скратениот животен век. Резултатот се надоврзува на претходни студии кои дошле до сличен заклучок. Научниците од Универзитетот од Илиноис откриле дека позитивното расположение го намалува нивото на хормоните поврзани со стрес и ја подобрува функцијата на имунитетот.
 
Според студиите, покрај другите предности, среќата придонесува и за побрзо опоравување по напорни вежби, додека вознемиреноста, депресијата и песимизмот придонесуваат кон повисок ризик од болести. Луѓето кои чувствуваат силен гнев или живеат во стресна средина се поподложни на болести. „Речиси бев шокиран, дефинитивно изненаден, од усогласеноста на податоците“, изјавил професор Ед Диенер, предводник на студијата. „Општиот заклучок од секој тип на студија е дека позитивните чувства за сопствениот живот, без стрес, без депресија, придонесуваат кон подолг живот и подобро здравје. Мнозинството го поддржува заклучокот дека среќата е поврзана со здравјето.“

Професор Диенер забележал дека иако сегашните здравствени трендови се фокусираат на прекумерната тежина, пушењето, навиките во исхраната и вежбањето, „можеби е време на списокот да се додадат ’бидете среќни и избегнувајте хроничен гнев и депресија’“. „Среќата не е магичен куршум, но доказите се јасни и убедливи дека таа ги намалува шансите од добивање болест и умирање на млада возраст“. Анализата се фокусирала на осум различни типови на долготрајни студии и експерименти кои опфаќале и луѓе и животни.

На пример, 5000 универзитетски студенти проучувани во период од над 40 години посочиле кон заклучок дека најпесимистички настроените студенти имале тенденција да умираат најмлади. Во друга студија, која се фокусирала на 180 католички калуѓерки, научниците откриле дека оние кои пишувале позитивни автобиографии во својата младост ги надживувале оние кои својата младост го опишувале во понегативно светло. Животните кои живееле во стресни услови, како што се пренатрупани кафези, имале послаб имунитет и повисок ризик од срцеви болести. Тие исто умирале порано од животните кои живееле со помалку стрес. 

Извор: www.telegraph.co.uk

СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Како дел од нашите услуги нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, психодијагностика, центар за кариера, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти, работилници за управување и развој на човечки ресурси, менторство (coaching).  

 

Нема коментари:

Објави коментар