вторник, 21 јануари 2014 г.

Дали лидерите искусуваат помалку стрес? Новата студија виели „да“

                                                      
Кој има повеќе стрес? Лидерите или оние кои работат за нив?

Новата студија која доаѓа од Харвард, ја тестира вобичаената перцепција дека лидерите имаат повисоки нивоа на стрес во споредба со нелидерите. Студијата која е објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences, открива дека оние кои имаат лидерски позиции, всушност, искусуваат помалку стрес.


Истражувачите ги тестирале нивоата на стрес на лидерите и нелидерите и откриле дека лидерите имаат значајно пониски нивоа на кортизол (стрес хормонот) и помали известувања за анксиозност, во споредба со нелидерите. Во втората студија, тие нашле дека лидерите кои имаат помоќни позиции имале пониски нивоа на кортизол и пријавиле помала анксиозност во споредба со лидерите кои имаат не толку моќни позиции.

Авторите припишуваат голем дел од тоа што откриле, на психолошкиот фактор, вообичаено поврзан со силните ефекти на амортизирање на стресот – голема способност за контрола. Кога вие сте „главни“, најверојатно имате подобра контрола врз факторите кои предизвикуваат стрес. Понатаму, студијата открила и дека поверојатно е лидерите да спијат помалку, да конзумираат повеќе кофеин и поредовно вежбаат, а веројатноста е мала тие да се пушачи.




Секако, ова не значи дека лидерите не искусуваат негативен стрес или дека сите лидери се справуваат подобро со стресот отколку нивните вработени. Како и да е, сугерира дека тие кои имаат лидерски позиции имаат повеќе од можност да го контролираат стресот во нивниот живот, бидејќи имаат подобра контрола врз тоа што се случува на работното место. Искористувањето на оваа можност, всушност, може да е клучот за редуцирање на стресот. Исто така, може да биде и тоа што луѓето со подобри вештини за управување со стресот, или пак, тие со повисоко ниво на толеранција на стрес, поверојатно е дека ќе се искачат на лидерските позиции. 


четврток, 16 јануари 2014 г.

Вина и лидерство

                                 
Дали добрите лидери се раѓаат или се создаваат? До некој степен, секако, ова е погрешно прашање. Личносните карактеристики може да бидат предиспозиција за личноста да биде лидер, па дури и да има некаков потенцијал ефективно да води, но сепак има многу работи што треба да се научат за да се биде добар лидер.

Врз основа на претходно кажаното, спроведено е истражување кое ги испитува личносните карактеристики кои некому му даваат предност во стартот кон успешен лидер.

Психолозите ги идентификувале димензиите на личност, кои ним им се познати како „Големите пет“: невротицизам (како емоционална стабилност), екстраверзија, отвореност, свесност и согласност.


Сите пет карактеристики, до некој степен, се поврзани со лидерството. Луѓето кои се отворени за искуства, на пример, ќе бидат подобри лидери од оние оние кои не се. Можеби е очигледно, совесните луѓе се, исто така, подобри од оние кои не се толку совесни. Луѓето кои се емоционално стабилни се поефективни како лидери во споредба со оние кои не се толку емоционално стабилни.  Другите две карактеристики имаат покомплексна врска со лидерството.             
Согласноста е степен до кој личноста се согласува со ставовите и мислењата на другите. Умерен степен на согласност со другите е добар за лидерите, бидејќи тие треба да можат да имаат добри односи со другите. Сепак, лидерите кои се многу согласни, нема да им кажат на другите луѓе она што не сакаат да го слушнат. Па така, високото ниво на согласност  не е добро и пожелно за лидерството.  
Екстраверзијата е степен до кој некоја личност контактира со други луѓе и сака да е во центарот на вниманието. Очигледно е дека лидерите  не треба да имаат проблем при интеракција со други и да ги пренесат идеите од работната група во пошироката јавност. Во исто време, лидерот кој премногу ја сака централната улога, може да не им даде доволно признанија на другите членови од групата за нивните напори и труд.
Секако, има и многу други карактеристики кои ја дефинираат личноста, освен овие „Големи Пет“. Истражувано е влијанието на склоноста на луѓето да чувствуваат вина, врз способноста за лидерство.    


Во ова истражување, направена е разлика меѓу две поврзани емоции – вина и срам. Луѓето искусуваат вина кога имаат одговорност за она што не успеале да го  остварат  (и во приватниот и во професионалниот живот). Емоцијата е фокусирана на неуспехот. Срамот, исто така, произлегува од неуспехот во остварувањето на некоја одговорност, но е фокусирана на самиот себе. Луѓето искусуваат срам кога чувствуваат дека се лоши личности, а тоа чувство е предизвикано само од нивниот неуспех.
Во една студија, вината и срамот биле мерени со употреба на прашалници, во кои луѓето биле замолени да замислат дека не успеале да исполнат некоја важна задача или одговорност. Ги оцениле и двете емоции со степен до кој тие би се чувствувале лошо за она што се случило (вина), како и за  степенот до кој би се чувствувале лошо за самите себе (срам). Учесниците, исто така, пополниле и инструмент со кој се добиваат податоци за „Големите Пет“ димензии.
Неколку дена подоцна, учесниците дошле во лабораторијата, во групи, и извеле серии на групни активности. Во една од нив, на пример, групата треба да замисли дека развиваат реклами за нови продукти. По изведувањето на групните активности, учесниците ги оценувале другите членови на групата за нивното лидерство во тек на активностите.

Најдобар предиктор за тоа дали луѓето би зеле лидерска улога во оваа студија, бил степенот до кој луѓето чувствуваат вина, како резултат на неуспесите. Тенденцијата да се искуси вина била многу помоќен предиктор отколку било која од „Големите Пет“ карактеристики.


Во друго истражување, учесниците ги оцениле нивните тенденции за искусување вина и срам, како во петходно наведениот пример. Дополнително, тиего оценувале и чувството на одговорност за другите луѓе. Учесниците во ова истражување биле студенти по бизнис. Мерките за лидерство, во овој случај се дадени од страна на центарот за лидери, воден од факултетот за бизнис, каде учесниците студираат.
Како што е претходно опишано, тенденцијата на луѓето да чувствуваат вина (наместо срам) може да ги предвиди независните оцени за тоа колку учесниците биле добри како лидери. Тенденцијата да чувствуваат вина, исто така, го предвидува чувството на одговорност за другите. Статистичките анализи сугерираат дека вината влијае врз чувството на одговорност за другите, кое ги прави луѓето успешни како лидери.
Секако, ова истражување не ги посочува факторите заради кои некои луѓе (а некои не) чувствуваат вина на прво место. Кога тие фактори ќе бидат подобро разбрани, тогаш може да биде можно другите луѓе да учат вештини за да ја зголемат нивната ефективност во улогата на лидер.


петок, 22 ноември 2013 г.

СУПЕРНОВА ПРОГРАМА ЗА СОВЕТУВАЊЕ И ВОДСТВО

Академијата СУПЕРНОВА е нова животна школа за едукација, советување и психотерапија. Основана е во 2010-та и е прва академија во Македонија за психологија која нуди професионални тренинг програми. Нудиме центар за личен раст и развој на поединци и групи, семејна психотерапија и советување, едукации и тренинг програми за бизнис клиенти и фирми, работилници за управување и развој на човекови ресурси и менторство (coaching). Главна цел на СУПЕРНОВА е да им овозможи на поединците и групите да ја подигнат својата свест во комуникацијата и интеракцијата со другите луѓе кои се дел од нивниот секојдневен живот со цел да создаваат и развиваат здрави врски и контакти со своите блиски.



Нашата визија е да инвестираме во луѓето, во комуникацијата меѓу луѓето и во градењето на здрави и правилни контакти и односи преку едуцирање, тренинг и советување. Нашата мисија е да понудиме високо квалитетна хуманистичка и интегративна програма преку професионални советувања и психотерапии; да го поддржиме истражувањето во развојот на професионалното знаење, во управувањето и во развојот на човечките ресурси преку психолошки терапии со професионални предавачи и менторство; да понудиме сервис за советување и психотерапија за пошироката јавност.

Едукациите, тренинг програмите, советувањата и психотерапиите ги одржува високо квалитетен кадар составен од предавачи со повеќегодишно искуство.
Нашите едукации, советувања и психотерапии може да се посетуваат индивидуално или во група.

Во Академијата СУПЕРНОВА сите студенти, вработени, поединци и групи се третираат на ист начин. Никој не се дискриминира според својата национална или верска припадност, според пол, материјален статус, според сексуална ориентација, боја на кожа исл. Во СУПЕРНОВА може да се вклучат сите луѓе кои имаат желба и кои сакаат да напредуваат во својот личен раст и развој, кои сакаат да си ја подигнат комуникацијата на повисоко ниво, да станат свесни за своите сопствени потреби, квалитети и проблеми, и да научат како да се справат со стресот и со другите негативни влијанија кои ги носи брзиот и динамичен начин на живеење.



СТУДЕНТСКИ / УЧЕНИЧКИ СЕРВИС, ВОДСТВО И СОВЕТУВАЊЕ

     Академијата СУПЕРНОВА врши евалуација и тестирање на учениците пред почетокот на нивните студии. Добиените резултати се користат за идното советување и водство на студентите. Извештаите се достапни на студентите и се инкорпорирани во академскиот план на студентот. За оваа цел академијата СУПЕРНОВА располага со голем број тестови со кои се тестираат способностите, личносните карактеристики и интересите на студентите. Во нив спаѓаат тестови за комуникациски способности, емоционална интелигенција, знаење, инвентари на личност итн.

   Студентскиот сервис СУПЕРНОВА го следи академскиот напредок на студентите преку извештаите на студентите и факултетот и ги врши потребните интервенции за да го обезбеди нивниот успех. Во текот на еден семестар професорите двапати пополнуваат извештај за академскиот успех на студентите. Во извештаите тие посочуваат на проблемите со кои студентите се сретнуваат во восприемањето на наставниот материјал. СУПЕРНОВА им помага на студентите преку водство и советување за тие да го подобрат својот академски успех.

     Сите информации за студентите кои се добиени преку тестирање се чуваат во одделни досиеја. Бидејќи имаме многу информации за интересите на студентите, нивните способности и желби за нивната кариера им даваме поддршка и водство преку релевантни информации за нивната едукација.

     СУПЕРНОВА исто така има канцеларија за водство и советување, каде студентите можат да ги контактираат нашите професионалци за советување. Тие исто така можат да не добијат преку телефонскиот број за итни ситуации на кој сме достапни 24 часа во текот на денот. Исто така имаме и електронска пошта за итни случаи каде во рок од еден ден студентите добиваат одговор. Оваа услуга е особено корисна за странските студенти кои можат да е пронајдат во секое време.

     Канцеларијата за водство и советување ги координира активностите меѓу професорите и студиската програма. Таа им дава совети и водство во врска со студентите и нивните студии. Бројот на советувачи во однос на бројот на студенти е во согласност со задачите и обврските на советувачите и е во согласност со законските прописи.

   Канцеларијата за водство и советување СУПЕРНОВА им помага на студентите кои ги завршуваат своите студии при наоѓањето работа. Таа соработува со ЕМБРА Корпорацијата која има кариерен центар и нуди услуги од областа на човековите ресурси, при што  им испраќа огласи за работа, релевантни информации и можности во согласност со нивниот избор на кариера, квалификации и интереси.

  Канцеларијата ги насочува студентите да посетуваат тренинзи, семинари, форуми и конференции во согласност со нивните студии. Се грижиме секој студент да добие адекватни покани за активностите кои се организираат во согласност со нивните интереси и изборот на кариера. Обуките и тренинзите се особено корисни за студентите кои имаат проблем при учењето на одреден материјал, но исто така и за оние кои сакаат да научат повеќе и да специјализираат во одредена област. Колеџот спонзорира или се јавува како коспонзор и обезбедува пристап до овие активности.

  СУПЕРНОВА исто така држи тренинзи и предавања за бизнис менаџмент, бизнис комуникации, човечки ресурси, организациска психологија итн., во рамките на дополнителните активности организирани според потребите на учениците / студентите.
    
    СУПЕРНОВА во секоја година прави истражувања за потребите на студентите/учениците, проблемите со кои тие се среќаваат и нивните профили. Ние се грижиме за секој студент/ученик, го следиме во текот на неговото образование давајќи му поддршка за да ги оствари своите желби и кариерни цели.


 Подолу е подетална листа на услугите кои ги нуди СУПЕРНОВА:

*      Центар за личен раст и развој
-Гешталт психотерапија
-Трансакциона анализа
-Семејна и системска терапија
- Психодрама
- Когнитивно-бихејвиорална психотерапија
- Плеј терапија

*      Центар за психодијагностика
-  Инвентари на личноста
- Тестови за мерење на интелигенција
-  Прашалници за мерење на емоционална интелигенција
-Тестови за проценка на способности
- Прашалници за проценка на вредности
-  Прашалници за проценка на мотивација
-  Прашалници за проценка на социјализација
- Тестови за проценка на комуникациски вештини
-  Тестови за проценка на психомоторика
-  Прашалници за мерење на задоволството од работата
-  Скали за мерење на задоволството од животот

*      Центар за обуки
- Обуки за регрутација и селекција
-  Обуки за мотивација и задоволство на вработените
-  Обука за ловење на таленти
- Обука за менаџирање на таленти
-  Обуки за комуникациски вештини
-  Обуки за менаџирање на стрес
-  Обуки за разрешување на конфликти
- Обуки за себевреднување
-Обуки за самодоверба
-  Обуки за задржување на вработените
-Обуки за развој на кариера

*      Менторство (Coaching)
-Life-coaching
-  Едукации за гешталт терапија
- Едукации за трансакциона анализа
-  Leading self
-  Leading others






Станете сертифициран Гешталт Терапевт - Придружете се кон Гешталт Тренинг Институтот





петок, 14 септември 2012 г.

СООПШТЕНИЕ ОД ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА


По повод започнувањето на проектот „Академија Супернова – За здрава иднина“, Гешталт здружението на Македонија (ГЗМ) – КОНТАКТ одржа прес-конференција на 13 септември (четврток), 2012 година, во просториите на НВО Инфоцентарот, за да ја информира јавноста за целите и реализацијата на проектот.

Проектот „Академија Супернова – За здрава иднина“ ќе овозможи дополнителна едукација на педагозите, психолозите и професорите во средното образование во Скопје, и ќе помогне во личниот и емоционалниот развој на учениците, особено во справувањето со конфликтни ситуации во тинејџерските години. Преку повеќе предавања осмислени како интерактивни работилници кои ќе ги одржува високо квалитетен кадар од психотерапевти и психолози со долгогодишно искуство, проектот ќе опфати различни теми поврзани со емоционалниот и личниот раст и развој.

Проектот го спроведува Гешталт здружението на Македонија (ГЗМ) – КОНТАКТ од Скопје со финансиска поддршка од Град Скопје – Одделение за социјална, детска и здравствена заштита.
На прес-конференцијата присуствуваа претставници од Град Скопје и ГЗМ Контакт – Скопје.
Д-р Благица Ризоска Тулов од Ембра Корпорација која воедно е и лиценциран психолог и психотерапевт во, како еден од иницијаторите на проектот и воедно предавач на дел од работилниците што ќе се одржуваат изјави дека ова е само почеток на една поголема идеја за имплементација на психолошките и психотеравските техники и методи во секојдневното соочување со насилството, конфликтите и проблемите на младите луѓе. Притоа, педагозите, психолозите и професорите кои се клучни модели за правилен раст и развој на здраво поколение ќе бидат во можност да се дообучат како да воспостават соодветен контакт со учениците и родителите при што навремено ќе превенираат и соодветно ќе се справуваат со сите предизвици кои ги носи денешната динамично и променливо општествено окружување.

Воедно, целта на проектот е да се прошири во јавноста позитивно мислење во однос на неформалното образование и советувањето при личниот раст и развој и да биде основа за иновативна и креативна младина која ќе ја практикуваат идејата на доживотно учење. Ова е проект кој ги доближува нашите вредности до оние на Европската Унија и како таков понатаму ќе продолжи да се развива на поле на Македонија, а веројатно и интернационално преку соработка со други организации.

Ана Попризова, психолог во средното училиште Орце Николов, и претседател на ГЗМ Контакт Скопје, изјави дека вакви проекти треба почесто да се случуваат со цел поголем квалитет при едукација и советување особено кога се работи млади умови кои треба да ја градат иднината на Македонија. Секој чекор е важен во образованието и дефинитивно кога би имало спој на неформалното со формалното образование би се постигнале подобри резултати на социо- економско и општествено поле. 

Весна Стојмирова, координатор на проектот изјави дека е ова само почеток на многу други проекти и активности на локално, национално и интернационално ниво. Со поддршка на Град Скопје и Ембра Корпорација овој проект ќе биде успешно изведен и се надеваме дека едукацијата  во поглед на личниот раст и развој на секој индивидуално ќе стане еден животен приоритет за обезбедување на подобар квалитет на живот.

Проектот опфаќа обука преку предавања и практични вежби од различни психотераписки правци преку кои  треба да се зајакнат вештините на педагозите, психолозите и професорите од средните училишта од Град Скопје за обезбедување на соодветен пристап и третман при решавање на проблемите со кои се соочуваат средношколците и нивните родители. За таа цел на крајот од проектот ќе се креира и прирачник кој понатамошно ќе може да се употребува при советување на младите и нивна понатамошна едукација.

Се надеваме дека неформалното образование ќе стане клучен и неразделен дел од формалното образование бидејќи на таков начин ќе се обезбеди основа за социо-економски и општествен развој според глобално прифатени стандарди.

Со почит,
Весна Стојмирова,
Координатор на проектот
Академија Супернова – За здрава иднина


Контакт:
Тел: 078 228 438 / 070 705 446



ПОДДРЖАНО ОД

ГРАД СКОПЈЕ
И

петок, 20 април 2012 г.

Емоционална интелигенција


Емоции, емоционална интелигенција и емоционална писменост. Да се биде емоционално писмен значи да се знае како да се управува со сопствените емоции. Учењето на емоционалната писменост не учи како се изразуваат чувствата, како и кога да се изразуваат и како тие влијаат врз другите.

Поетски кажано, да се биде емоционален гурман, свесен за текстурата, мирисот и вкусот на емоциите. Кај секој од нас се преплетуваат емоционалната и интелектуалната остроумност; луѓе со висок IQ и ниска емоционална интелигенција, наспроти стереотиповите, се релативно ретки. Емоционалната писменост им помага на емоциите да работат за нас, наместо против нас.


Што се емоции?

Емоциите претставуваат суштински дел од човековата природа. Ако се трудиме да ги изолираме или потиснеме – губиме еден фундаментален аспект од нашите човечки способности. Преку осознавањето и управувањето на сопствените емоции и со слушање и реагирање на емоциите на другите луѓе, се зголемува сопствената лична моќ. Зборот емоција претставува термин за чие вистинско значење филозофите и психолозите спорат повеќе од еден век. Во најбуквална смисла, емоцијата е дефинирана како „ какво било возбудување или вознемирување на умот, чувствата страстите; каква било состојба на бес или неспокојство“. Сепак, емоција може да подразбира чувства и разновидни мислења, психолошки или биолошки состојби и дијапазон од разновидни можности на однесување. Постојат стотици емоции, заедно со нивните хибриди, варијации, мутации и ниjанси. Секако, емоциите се многу попрефинети од зборовите што постојат со кои можат да се опишат. Истражувачите продолжуваат со расправата за тоа која емоција би требало да се смета како примарна – сино, црвено или жолто чувство од кое произлегуваат сите основни нијанси – и се до тоа дали такви основни емоции воопшто постојат. Некои теоретичари предлагаат основни групирања, иако сите не се согласуваат околу нив. Основните претенденти, или некои од членовите на групите се:

Бес: навредливост, гнев, раздразливост, огорченост, вознемиреност, лоша волја, лутина, нетолерантност, одбивност, омраза и насилство.
Тага: јад, болка, жалост, нерасположение, мрачност, депресивност, самосожалување.
Страв: вознемиреност, стравување, нервоза, загриженост, констернација, несигурност, лабилност, сомневање, раздразливост, престрашеност, ужас, фобија и паника.
Уживање: среќа, радост, опуштеност, задоволство, восхит, воодушевување, ведрина, гордост, сетилно уживање, возбудување, пријатност, сатисфакција, еуфорија, непредвидливост, екстаза и манија.
Љубов: прилагодливост, дружељубивост, добрина, доверба, привлечност, верност, обожување, залуденост.
Изненаденост: шок, вџашеност,восхитеност, чудење.
Одвратност: презир, потценување, омаловажување, гадење, аверзија, ненаклонетост, одбивност.
Срам: вина, непријатност, покајување, понижување, жалење, тагување.

Сепак оваа поделба не ги разрешува сите прашања околу категоризацијата на емоциите. Аргументот дека постои грст од основни емоции, до одредена мера е потврден со откритието на Пол Екман, според кого постојат четири основни емоции – страв, бес, тага, уживање – препознатливи за луѓето насекаде во светот вклучувајќи ги и неписмените кои емоцијата ја препознаваат според фацијалната експресија.


Што претставува емоционалната интелигенција?


Терминот „Емоционална Интелигенција“ (ЕИ) е нова тема на истражување која станува се попопуларна во последните неколку години особено во полето на применетата психологија како и во полето на популарната психологија претставувана најмногу од Даниел Големан (1995). Постојат голем број на дефиниции и мислења за тоа што претставува ЕИ. Низ литературата овој термин е дефиниран како: когнитивна способност која вклучува процесирање на емоциите; како однесување и вештина како и збир на различни квалитети кои не се IQ.

Интелектуалната и емоционалната интелигенција не се спротиставени, туку одделни способности. Кај секој од нас се преплетуваат емоционалната и интелектуалната остроумност; луѓе со висок IQ и ниска емоционална интелигенција, наспроти стереотиповите, се релативно ретки. Исто така постои едвај видлива врска помеѓу IQ и некои видови емоционална интелигенција, многу незначителна за да ги раздели потполно овие ентитети. Академската интелигенција нема многу врска со емоционалниот живот. И најумните можат да пропаднат во плитките води на раскалашните и неконтролирани пориви; луѓе со висок IQ можат да бидат исклучително невешти водичи во животот. Постојат големи отстапувања од правилата дека со IQ може да се предвиди успехот – многу повеќе има исклучоци од постоечките примери кои го потврдуваат правилото. Во 20 % од случаите IQ дава придонес на факторите кои го одредуваат успехот во животот, додека во 80 % влијаат други фактори. Како што забележува еден истражувач: „Поголемиот дел на човековиот успех во животот и општеството е одреден со влијанија кои немаат врска со IQ, од општествениот статус, па се до индивидуалната среќа“.

Емоционална писменост

Да се биде емоционално писмен значи да се биде способен да се управува со емоциите на начин што ја зголемува личната моќ и го подобрува квалитетот на животот за единката и за луѓето околу неа. 

Емоционалната писменост им помага на емоциите да работат за нас, наместо против нас. Таа ги унапредува човечките меѓусебни врски, овозможува односи меѓу луѓето исполнети со љубов, создава кооперативна клима за работа и дава можност за развивање на чувството на заедништво. Секој може да научи по нешто за своите емоции. Некои луѓе низ процесот на растење се здобиваат со високо ниво на емоционална писменост, меѓутоа малкумина на полето на емоциите се онолку мудри колку што би можеле да бидат.

Да се биде емоционално интелигентен значи да се распознаваат сопствените емоции и емоциите на другите, колку се тие силни и што ги предизвикува. Да се биде емоционално писмен значи да се знае како да се управува со сопствените емоции. Учењето на емоционалната писменост не учи како се изразуваат чувствата, како и кога да се изразуваат и како тие влијаат врз другите. Поетски кажано, да се биде емоционален гурман, свесен за текстурата, мирисот и вкусот на емоциите. Успешното усогласено работење на рационалните вештини и емоционалните вештини се подобрува со емоционалната писменост. 
Емоционално писмените луѓе воспоставуваат добри односи како родител, партнер, колега, другар, учител и љубовник.

Aвтор: Автор: М-р Благица Ризоска e предавач и консултант. За повеќе информации посетете го веб порталот www.embra.mk.

Моќта на емоциите и игрите на моќ


Емоциите имаат моќ. Во одредени моменти тие можат да имаат огромно влијание врз другите. Ние сме свесни за моќта на емоциите секогаш кога се воздржуваме од нивното покажување за да не ги вознемириме оние кон кои се насочени. Секогаш кога сме се воздржале од покачување на тонот, кога сме му биле лути на партнерот, на пријателот или на детето, ние тоа сме го направиле затоа што имплицитно ја знаеме моќта на емоциите. Ако некогаш ни се случило да седиме во театар и сме виделе како се шири паника ако некој викне “Пожар!” или “Оган!”, тогаш ни е позната моќта на емоциите.



Кога се злоупотребува моќта на емоциите

Моќта на емоциите ја злоупотребуваме тогаш кога без предупредување истураме напади на бес врз невнимателните, неподготвените и незаштитените. Моќта на емоции ја злоупотребуваме тогаш кога емоциите ги користиме во игрите на моќ кои претставуваат еден вид на емоционално уценување, тактика со која се служиме за да ги заплашиме другите, за да ни се покорат на некој начин. За да ги засилиме и оправдаме своите чувства, ние ги поддржуваме со осудувања, обвинувања, преувеличувања и лаги, а потоа мафтаме со нив како со стап.

Многу честа реакција на емоционално неписмена личност кон чувствата на некој друг е да се одрекува одговорноста. Факт е дека сме способни да предизвикаме чувства кај другите луѓе, а и тие можат да предизвикаат чувства кај нас. Оваа способност може да се злоупотреби кога ревносно се напаѓаме меѓу себе или се обидуваме да предизвикаме чувство на вина чувствувајќи се повредени. Емоционално писмен дијалог може да се воспостави само откако ќе се прифати оваа емоционална поврзаност. Негирањето на овој факт претставува облик на емоционална неписменост.

Луѓето трпат силно влијание од емоциите на другите, без оглед колку овие емоции се препознаени. Всушност, може да се каже дека колку помалку се дискутира за емоциите и колку повеќе тие се отфрлуваат, толку повеќе тие емоции влијаат врз луѓето и се вкоренуваат во нивните потсвесни програми.

Непризнавање на туѓите емоции

Непризнавањето на емоциите, неслушањето на чувствата кога другите ни ги кажуваат, може да се јави во разни облици. Од една страна, може да не ги признаваме сопствените емоции. Можеме да знаеме дека чувствуваме нешто, но намерно да го потиснуваме тоа на страна. Од друга страна, можеме да не ги признаваме чувствата на другите луѓе. Меѓутоа, дури и кога не ги признаваме, емоциите продолжуваат да постојат.

Луѓето мислат дека комуницираат на рационален начин, но во исто време, на едно многу реално но непризнаено ниво, емоционалниот дијалог продолжува на друг канал, интуитивно и невербално, со сите свои збунувачки сигнали и последици. Една важна последица од непризнавањето на емоциите е дека тие можат заемно да се засилуваат, доведувајќи до лавина од емоции и на крај да излезат од контрола. Некои луѓе чувствуваат дека емоционалните изливи од ваков вид се здрави и дека го “чистат” системот од емоционално ѓубре. На извесен начин е точно дека ваквите изливи ослободуваат дел од тензијата за непризнаените чувства, но најчесто во тој процес некој бидува повреден, често жените или децата, што зад себе остава емоционални лузни кои во некои случаи никогаш не заздравуваат.

Емоционалната писменост бара да не ги манипулирате другите со игри на моќ

Љубезно, но упорно, барајте го она што го сакате сè додека не бидете задоволни.

Низ целата досегашна историја, луѓето кои биле на власт (политичка, воена, религиозна, медиумска…) ги користеле сите можни методи што им биле на располагање за да доминираат врз луѓето и да продолжат и понатаму да ги контролираат. Овие методи можат да бидат физички и психолошки, меѓутоа во нивната сенка секогаш се провлекуваат закани од насилство, со кои тие се поддржуваат. Во овој систем на доминација луѓето се распоредени во своевидна пирамида на моќ, повисоко во однос на некои, а пониско во однос на некои други, така што секое ниво го контролира нивото што е под него. Независно дали станува збор за држава, работно место или семејство, овој систем се одржува преку доминација и се спроведува преку игри на моќ. Шефот што очекува секретарката да го поздрави, но не му паѓа на памет да и одговори на поздравот, сопругот што бара сексуално задоволување, но од своја страна не го дава, таткото што и држи лекции на својата ќеркичка, но со потценување се смешка секогаш кога таа се обидува да каже нешто. Оваа се трансакции поврзани со моќта и доминацијата.

Не дозволувајте другите да манипулиураат со Вас со игри на моќ

Љубезно, но упорно, одбивајте да направите што и да било што не сакате да направите според својата слободна волја.

Уште од раѓање сме речиси неприметно доминирани и не забележуваме како функционира контролата. Откако ќе го поминеме детството на милост и немилост на каприците на другите луѓе, ние прифаќаме како нешто најприродно дека треба да станеме Мачители или Жртви, погоре или подолу во однос на другите луѓе. Дека треба да станеме водачи или следбеници, доминатори или доминирани. Постојат многу испитувања кои потврдиле дека “програмите” кои ги создаваме од најмали нозе се темел на нашиот карактер и наша перцепција за животот. Детето што добивало шлаканици станува родител што удира шлаканици, детето што било доминирано и контролирано станува родител што доминира и контролира, детето што е воспитувано да размислува како сиромашно и уплашено од системот, станува личност која нема да ја почитува цената на својот интелектуален труд и ќе живее сиромашно.

Ние ги прифаќаме малтретирањето, злоупотребата на моќта, контролирањето и доминацијата како нешто најприродно. Затоа е многу важно поединецот емоционално да се описменува, континуирано да работи на зголемување на својот EQ и на својот личен раст и развој.



Игри на моќ

Ако сакаме ефикасно да го одбегнеме и му се спротивставиме на неумереното контролирање и злоупотребување на моќта, мораме да разбереме како функционираат игрите на моќ.

1. Груби физички игри на моќ

Тие се видливи со голо око и во нив спаѓаат тепање, туркање, затворање, фрлање предмети, траскање врати, или уште полошо, киднапирање, измачување, силување и убивање. Овие примери на физичка моќ се користат за контролирање на луѓето. Во нашето општество ова особено важи за семејствата во кои жените и децата се жртви на физичко малтретирање и тепање.

2. Суптилни физички игри на моќ

Не се толку лесно видливи, иако сте нивна жртва може по извесно време да станете свесни дека се работело за игри на моќ. Овде спаѓаат наднесување над луѓето или стоење премногублиску до нив (навлегувате во нивниот личен простор), водење на луѓе под рака или мишка, оставање на луѓето да седат или стојат, тапкање по глава, препречување на патот на други. Овие игри може да функционираат затоа што луѓето се научени да слушаат уште од рано детство. Без да употребиме физичка сила можиме да заплашиме некого со закани или со тонот на гласот. Може да наведете некого да направи нешто, така што ќе го натерате да се чувствува виновен. Овие игри на моќ, често, ги користат мажите во однос на жените, а некои од жените ги прифаќаат како составен дел од нормално машко однесување.

3. Груби психолошки игри на моќ

Во овие игри на моќ спаѓаат заканувачкиот тон на гласот, заканувачки изглед, навредите, дрски лаги, нагласено муртење, игнорирање, упаѓање во збор, превртување на очи, нестрпливо тропкање со прсти и свиркање додека другите зборуваат.

4. Суптилни психолошки игри на моќ

Овде спаѓаат добро смислени лаги (половина лага – половина вистина), лажење со премолчување, суптилно муртење, саркастичен хумор, озборување, извртена логика, игнорирање на она што го кажуваат луѓето, а на масовно ниво суптилни психолошки игри на моќ се рекламирањето и пропагандата.

Во сите овие случаи, игрите на моќ имаат улога да спречат некоја постапка на друга личност наспроти мислењето или слободната волја. Хроничните играчи на моќ не чувствуваат многу емпатија за другите. Таквите мораат да бидат нечувствителни спрема волјата на нивните жртви и да бидат подготвени да направат сè што е потребно за да продолжат да доминираат.

Aвтор: Нела Јолеска е менаџер за развој во Стипико и основач на Facebook групата Извор. За повеќе информации посетете ја страната на групата Извор.

Кога емоционалната интелигенција станува надмоќна вештина



Сите ние во себе имаме голема храброст, а истовремено имаме и стравови… Длабоко во себе нашата храброст и стравови имаат пуштено корени, а причините за нивното постоење ги чуваме скржаво од свесноста. Поголемиот дел од луѓето не навлегуваат подлабоко во проучување и откривање на тоа кои се причините поради кои некој човек реагира храбро и превзема одговорност за исходот на сопствената постапка, додека истовремено некој друг кој се наоѓа во иста/слична животна ситуација со слични животни искуства, образование, финансиска сигурност, социјална вклопеност реагира спротивно од храбро.

Познаваме храбри луѓе кои секојдневно се соочуваат со разни животни проблеми, луѓе кои се свесни на значењето на секојa минутa изминатa во нивниот живот, сопствените мисли, постапки и одговорноста која ја превземаат. Истовремено познаваме и луѓе кои се плашат од бубачки, од темница, има и такви кои се плашат од кучиња и мачки, летање со авион, пливање… Постои страв и од непознато, страв од успех, страв од неуспех, смрт, грешка, фудбалските фанови се плашат дека омилениот фудбалски тим ќе изгуби (додека спортските кладилници тријат раце) …

Се сеќавам на почетокот од моите постдипломски студии. Полагав испит по Стратегиски менаџмент и јасно се сеќавам на тесните и непријатни седишта во автобусот за Белград со кој патував. Тоа пролетно утро не можев да гледам низ прозорците низ кои со слушалки на уши знам да се заборавам глетката во планините и нивниот спој со небото. Се чувствував исплашено, со грутка во грло и имав чувство на непријатност. Измешан страв од непознати прашања и треска… Што ако ми се падне тешко прашање? Што тогаш? Ќе паднам и ќе се разочарам…

Не бев во состојба ниту да читам, а камо ли да се опуштам. Во тој момент на доживување страв најмногу се зачудив колку ми се стесни умот. Не бев во состојба ниту будна да сонувам. Едноставно, во стравот седев неподвижна чекајќи да дојде крајот на полагањето.

Но се случи еден момент кој ме одвлече од тие мисли. Пред мене на седиште седеа мајка и дете кои беа гушнати и спиеја на истите тие тесни седишта. Таткото лежерно седеше на соседното седиште и наеднаш силно загрчи во сон. Детето се разбуди од силината на грчењето, се сврте кон татко му и слатко се изнасмеа, но тоа не беше единственото кое се насмеа. Се насмеав и јас. Само момент подоцна станав свесна за постоењето на стравот во моите мисли и искушенијата низ кои ме води. Со секој изминат метар сè повеќе го освестував разорното влијание на емоционалното возбудување врз моите мисловните процеси. Тоа го потиснуваше сиот труд, непроспиени ноќи и подготовка за овој испит. Сфатив дека тоа утро стравот ми е лош сопатник и одлучив да го тргнам од себе.

Стравот од полагање пред испит не е воопшто новост за професорите. Студентите кои се анксиозни, уплашени или депресивни, не можат да учат. Луѓето кои се наоѓаат во слични состојби неуспешно се обидуваат да примат информација и да излезат на крај со неа. Тоа е така затоа што се фокусираат на проблемот, а не на решението. Се фокусираат на избегнување на болката а не на постигнување на задоволството. Со самото фокусирање да ја избегнат болката, тие се подлабоко тонат во неа. Тоа е така затоа што во лавиринтите на таквото размислување има сè помалку позитивната енергија и тоа ги влече надолу.

Личности кои се разведуваат со непријатности или деца чии родители се разведени – не се во состојба да се фокусираат на делумно едноставни и вообичаени нешта на работно место или во училиштето. Кај клинички депресивните, очајот, самосожалувањето, безнадежноста и беспомошноста се посилни од сите останати чувства.

Кога емоциите ќе завладеат со концентрацијата, поразена е менталната способност или “работната меморија”, вештина да се паметат сите неопходни информации релевантни за одредена задача.
Од друга страна, мотивацијата, позитивната мотивација за постигнување на успех – надмоќта на ентузијазмот, одговорноста и самодовербата покажале дека атлетичарите на олимпијадите, фудбалерите на светските првенства, музичарите од светски глас или велемајсторите во шахот докажуваат како нивната единствена особина е способноста за самомотивација. Таа е извор на нивната истрајност во секојдневните немилосрдни тренинзи.

Истрајноста најмногу зависи од емоционалните особини: Ентузијазмот и упорноста да се постигне позитивно решение, наспроти поразите и стравовите.

Овде зборуваме за вродени способности меѓу кои мотивот е дополнителна предност за успех во животот.




Пример за мотив може да го земам успехот на азиските студенти во американските училишта. Подетални прегледи на податоци зборуваат дека децата на азијатите имаат 2 до 3 поени повисок коефициент на интелигенција од белците. Причината по сè изгледа е тоа што азијатите уште од најраните години во училиштата работат понапорно отколку белците. Повеќето родители Американци ги прифаќаат недостатоците на децата, а ги нагласуваат вештините, Азијатите сметаат дека доколку не постигнуваш резултати треба да учиш ноќе, а ако и тогаш не успееш стани рано и учи уште во мугри.

Веруваат дека секој со вистински напор може да успее во училиштето. Накусо, строгата културна и работна етика прераснала во
Мотивација + Ентузијазам + Уживање = Формула за УСПЕХ

Искуството со испитот ме предизвика повторно да се уверам во потенцијалот и капацитетот кој може да биде заробен во нас доколку подлегнеме на стравот и непријатните искушенија низ кои животот нè води, наспроти храброто соочување со реалноста и свесното превземање на активности кои се дел од решението за постигнување на целта. Секој човек кој држи до својот личен раст и развој е свесен дека емоциите можат да ни овозможат или оневозможат способности да мислиме, планираме, постигнуваме, решаваме проблеми, да сме издржливи во тренинзите, учењето или вежбањето…

Креативност и проширување на нашите граници.
Да си Свој во себе.
Тоа ни треба.

На тој начин емоционалната интелигенција станува надмоќна вештина, станува дарба која суштествено влијае на сите останати способности, ги прави поуспешни или меѓусебно се преплетува со нив.

Aвтор: Нела Јолеска е менаџер за развој во Стипико и основач на Facebook групата Извор. За повеќе информации посетете ја страната на групата Извор.